за Скомрахи
Средби на академиите и факултетите за драмски уметности

За прв пат се одржаа во 1988 година како резултат на потребата на студентите за комуникација, и размена на искуства и знаења со студентите од другите академии и факултети. Во почетокот овие средби беа на југословенско ниво, но со распаѓањето на Југославија идејата за средбите прерасна во идеја за собирање на сите студенти од Европа. Имајќи ги предвид условите во кои се наоѓаше нашата млада држава, не може а да не бидеме задоволни од бројот на учесниците, големината и значењето на самата манифестација. На манифестацијата СКОМРАХИ, во изминативе години присуствуваа:

  • повеќе од 25 школи
  • повеќе од 100 театарски претстави
  • 90 часови филмски проекции со преку 250 студентски краткометражни
  • 40 предавања и работилници со реномирани професори од областите на драмските уметности
  • преку 900 учесници - студенти и професори
  • околу 120 000 посетители

Во изминатите години, ценејќи ги потребите на студентите (учесниците) и публиката, оваа манифестација растеше и се менуваше секогаш обидувајќи се да одговори на желбите кои се поставуваа пред неа.

Задачата на манифестацијата СКОМРАХИ е да стави посебен акцент врз спецификите на различните култури, се разбира преку работата и едукативните програми на студентите на Академиите и Факултетите за Драмски Уметности.

ЦЕЛИ НА СКОМРАХИ
  • Афирмација на културата;
  • Подобрување на квалитетот на едукативните програми;
  • Размена на искуства и знаења на студентите од различни земји;
  • Проучување на нови пристапи кон креативното творештво;
  • Остварување на лични контакти;
  • Соработка на проекти;
  • Подобрување на квалитетот на изведбите;
  • Афирмација на млади автори и изведувачи.

Во изминатите години, ценејќи ги потребите на студентите (учесниците) и публиката, оваа манифестација растеше и се менуваше секогаш обидувајќи се да одговори на желбите кои се поставуваа пред неа.

Задачата на манифестацијата СКОМРАХИ е да стави посебен акцент врз спецификите на различните култури, се разбира преку работата и едукативните програми на студентите на Академиите и Факултетите за Драмски Уметности.

ШТО ЗНАЧИ СКОМРАХИ?

Сериозните театролози, кои ги проучувале изворите од VI и VII век, кога за прв пат датираат почетоците на славјанското паганско театарско искуство, на балканските простори налетале на една несериозна група луѓе, облечени во бели, широки, долги, грубо ткаени облеки, со маски и со боја на лицата, со перики од волна и кал на главите, кои прават чудни работи: играат, жонглираат, удираат по затегнати кожи во неправилни ритмови, свират, дресираат диви животни, пеат. СКОМРАХИ - чудна варијанта на патувачки комедијанти, танчери, исполнители на „театар со маски“ е всушност значењето на еден индоевропски збор "СКОМРОС". Прв пишан документ за нив е извадокот од една Византиска хроника, од 1068 година кој се однесува на нивната забрана. Нивниот изглед за прв пат е јасно прикажан во иконите во Софиската Катедрала.


Во манастирот во Старо Нагоричане, Кумановско, постои вториот важен документ за нив: на фреската „Ругање на Христос“ се забележува група на свирачи и играчи, облечени во облеки со долги ракави што потсетуваат на лудачки кошули, додека го обиколуваат крстот, кои веројатно изговараат „Радувај се цару јудејски“ - подоцна, сосема јасен показател за односот на црквата кон скомрахите. Кон крајот на XVI и XVII век тие стануваат исклучително популарни; некои трупи дури достигнувале бројка од 100 луѓе. Со куклите, скротените мечки, кучињата и стаорците, скомрахите стануваат сé пожилави пред сé по големиот налет на разни забрани, од големите бранители на христијанството, како Цар Алексеј Михаилович, кој во 1468 година, со сите можни средства, планови, тактики и методи ги забранува „ѓаволските спортови“. Нормално, мислејќи дека се ослободил од нив, царот не знае дека паганските генијалци ќе се поместат кон југот, каде што долго ќе ја одржуваат својата традиција, како забавувачи по свадбите и веселбите. Скомрахите имале однапред подготвени скици за настапот и разработени карактери. Останатото било импровизација. А, чудно е тоа што овие забранувани и несериозни паратеатарски пиреи правеле нешто, што пет века подоцна светот ќе го нарече comedia dell’ arte.


Вистински материјален доказ за игриштата е тврдината Просек кај Демир Капија на Јован Стрез. Јасно е дека со освојувањето на Балканот од страна на Османлиското царство, на овие простори е прекината една силна цивилизациска вертикала.


СКОМРАХИТЕ беа оние актери - талкачи од средновековието кои ги спојуваа распокинатите врвци, ги премостуваа реките, ги донесуваа здивот од другите земји, ја носеа пораката на актерското мајсторство кое и забавува, и се подбива, и засмејува и налутува, и огорчува и замислува. Во името на трајната порака што актерите отсекогаш ја пренесувале, дури и во време на војни, чуми, поплави, се одродуваат и овие денешни СКОМРАХИ, сé така чувајќи ја Неа, и збогатувајќи ја со нова мисла и со нова содржина, со нова љубов за драмската уметност - жива реч на дивиот и трајна порака на творечкиот порив на човекот.

Така СКОМРАХИ ги отвораа затворените патишта меѓу народи, меѓу средини, меѓу луѓе.


СКОМРАХИ се одржуваат секоја година на крајот од месецот март. До сега учествувале факултетите и академиите од:
Белград, Нови Сад, Љубљана, Сараево, Загреб, Цетиње, Ташкент, Приштина, Софија, Тирана, Лоѓ, Киев, Глазгов, Братислава, Амстердам, Варшава, Вроцлав, Прага, Солун, Истанбул, Букурешт, Т'ргу Муреш, Благоевград, Виена и од Грац.